/ Прочитано:

1.535

Советот на јавни обвинители бара пет обвинители за скопското и по еден обвинител за обвинителствата во Битола, Гостивар и Куманово, од редовите на Академијата

Претседателот на Советот на јавни обвинители истакна дека се надева дека кандидатите од петтата генерација, кои минатата недела ги примија уверенијата за успешно завршена обука на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, ќе ги исполнат условите предвидени во огласот и ќе можат веднаш да започнат со практикување на знаењето стекнато во Академијата.

ojo1

Советот на јавни обвинители преку оглас бара пет јавни обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје и по еден јавен обвинител во обвинителствата во Битола, Гостивар и Куманово. Огласот е објавен во петокот во „Службен весник“, а во средата од страна на претседателот на Советот, Петар Аневски, беше најавена одлуката за избор на јавни обвинители.

Сите кандидати за избор на јавни обвинители, освен условите предвидени во членовите 44, 45 и 46 од Законот за јавно обвинителство („Сл. весник на РМ“ број150/07) и Законот за измени и дополнување на Законот за јавно обвинителство („Сл. весник на РМ“ бр. 111/08), потребно е како посебен услов да го исполнуваат следното:

„Кандидатите за избор на јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје, Битола, Гостивар и Куманово како посебен услов потребно е да имаат завршено Академија за судии и јавни обвинители“, се наведува во огласот.

Заинтересираните кандидати пријавите заедно со потребната документација, во оригинал или фотокопија заверена на нотар, уверенијата за државјанство и лекарско уверение (да не се постари од шест месеци од денот на издавањето), диплома или уверение за завршен Правен факултет и потврда за положен правосуден испит во оригинал или заверено на нотар, уверение за завршена Академија за судии и јавни обвинители, да ги достават до Советот на јавните обвинители на Република Македонија на ул. Кеј „Димитар Влахов” бр. 4, V кат во рок од 15 дена од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Приемот на документи е од 8.30 до 15.00 часот секој работен ден.

Аневски потсети дека обвинителствата во државава се соочуваат со недостиг од кадар и ресурси за успешна борба со криминалот.

„Недостасуваат околу 60 јавни обвинители бидејќи има непополнети места во речиси сите обвинителства. Некои од тие јавни обвинителства одвај чекаат да добијат кадар“, рече Аневски.

Тој додаде дека се надева дека кандидатите од петтата генерација, кои минатата недела ги примија уверенијата за успешно завршена обука на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, ќе ги исполнат условите предвидени во огласот и ќе можат веднаш да започнат со практикување на знаењето стекнато во Академијата.

М.С.