Средба Адеми – Гир: Да продолжи заедничкиот дијалог за зајакнување на ефикасноста на судскиот систем
Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија Беса Адеми на 20.10. 2021 година оствари средба со амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, на која официјално и беше предаден Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија во 2021 година.
„За време на средбата се разменија мислења и се дискутираше за главните точки споменати во Извештајот по однос на поглавјето 23 во делот за судството и владеењето на правото во насока на надминување на детектираните слабости и унапредување на состојбите во судството.
Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија искажа благодарност за официјалното предавање на Извештајот во Врховниот суд на Република Северна Македонија и за конструктивните забелешки во истиот. Воедно истакна дека Врховниот суд на Република Северна Македонија превзема активности во насока на подобрување на независноста на судството, владеењето на правото и подобрување на конзистентноста на судските пресуди и хармонизирање на судските практики.
На средбата, се констатираше дека е неопходно во наредниот период да продолжи заедничкиот дијалог за приоритетни реформски чекори за постојано зајакнување на независен, квалитетен и ефикасен судски систем со почитување на основните вредности на Европската Унија за владеење на правото и почитувањето на човековите слободи и права“, се вели во соопштението на Судот.
М.В