ССК: Три приоритети за заштита на сметководствената дејност
Важноста на финансиските извештаи, на годишните сметки и на другите финансиски информации е од големо значење како за корисниците на сметководствените услуги така и за другите ентитети од општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Во таа насока, Комората на сметководители смета дека е неопходно да се подигне квалитетот за нивно изготвување, да се намалат нелојалната конкуренција и сивата економија во секторот, како и да се зајакне интересот кај младите за проучување на сметководствената професија, беше истакнато на прес-конференцијата во Сојузот на стопанските комори на Македонија.
Претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски, рече дека е потребно овозможување исклучиво право на потпис единствено на лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите ќе имаат и соодветни права што произлегуваат од нивните квалификации.
„Сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво и да се цени трудот на сметководителите кои со правилна законска имплементација, одговараат на потребите и барањата на своите клиенти, а од друга страна, пак, одговараат и на потребите на институциите, поточно на општеството во целина. Во таа насока, сите закони е неопходно да се донесуваат по претходни консултации и во соработка со релевантните чинители во областа и заеднички да се дејствува за зголемување на интересот за сметководствената професија која сè повеќе старее, а е од исклучителна важност за стопанството и за државата. Согласно со расположливите податоци на регистрираните сметководители, 53 години е просечната возраст на сметководителите, а само 24% од вкупниот број регистрирани, што е нешто над 7000, се на возраст до 35 години“, истакна Митковски и додаде дека доколку не се подобри состојбата во фелата, ќе се соочиме со уште полоши показатели.
Благоја Грозданов, член на УО на Комората на сметководители, вели дека сметководството е нервниот систем на една економија, а професионалците што секојдневно ја вршат оваа работа се во крајно подредена позиција во споредба со колегите од низа други интелектуални дејности, како ревизори, проценители, адвокати, вешти лица, нотари и сл.
„Потребно е да се преземат низа мерки од страна на надлежните институции за подобрување на состојбите во фелата. Во практиката постои една крајна неизбалансираност меѓу наметнатите обврски на професијата кои делумно потекнуваат директно од одредени законски решенија, а делумно од практичната примена на законските одредби и правата што професијата ги има и заштитата што ја добива од оние што се најголеми корисници на податоците од финансиските извештаи. Еден просечен сметководител во својата работна недела ќе мора да изврши низа наметнати обврски со кои веројатно ќе дојде во контакт или ќе треба да состави извештаи за Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Државниот завод за статистика, Народна банка, комерцијалните банки и сл. На сите овие наметнати обврски мора да се стави контратежа, односно да се постигне баланс меѓу правата и обврските. Сите институции што се крајни корисници на извештаи што очекуваат да ги добијат од сметководителите мора да ја препознаат важноста на професијата и заедно да работат на нејзина заштита и издигање. Во спротивно, ќе се соочиме со реалноста на ситуацијата многу бргу. Без ред во фелата, податоците од финансиските извештаи ќе бидат со низок квалитет, даночната евазија ќе биде сè поголема, сивата економија ќе цвета и за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските, од една страна и наградите, од друга страна. Всушност, набргу оваа професија, која демографски гледано и онака е ’стара’, ќе стане дефицитарна. Онака како што сега се одвиваат работите, не познавам млад човек што би сакал да ја работи оваа работа“, истакна Грозданов.
Како и во другите дејности, и во оваа дејност е потребно да се расчисти со сивата економија, со тоа што само лиценцираните сметководители, кои се запишани во соодветните регистри, ќе имаат право да ги доставуваат извештаите до надлежните институции.
Комората на сметководители континуирано работи на подобрување на квалитетот при вршење на сметководствените работи, со цел регулирање на професијата и заштита не само на компаниите што се занимаваат со оваа дејност, туку и на сите други компании – корисници на услугите.
ССК: Сметководителите бараат да имаат и права, а не само обврски
Новиот Закон за вршење на сметководствени работи во собраниска процедура
Законските измени за сметководствените работи, ревизијата и јавниот долг на владина седница
Утврден новиот текст на Предлог-законот за вршење сметководствени работи
Министерството за финансии подготвува нов Закон за сметководствени работи
Сметководителите се против нов закон подготвен без нивно учество
Имплементација на најдобрите меѓународни практики за квалитетни сметководствени услуги
М.В