/ Прочитано:

1.886

Управниот суд: Примената на новиот Закон за управни спорови е сериозно доведена во прашање

„Управниот суд ги известува граѓаните на Република Северна Македонија, дека и покрај сите укажувања и апели до надлежните органи за обезбедување на минимални услови за примена на новиот Закон за управните спорови,  кој стапи во сила на 25.05.2020 година, неговата примена е сериозно доведена во прашање и оневозможена, со оглед на тоа што Судот, во постојниот објект во кој се наоѓа, нема ниту една просторија која се користи или би се користела за судница за одржување на јавни расправи.

Имено, на Управниот суд со Одлука на Владата на Република Македонија, од 25 септември, 2018 година му е доделен на трајно користење објект на ул. Даме Груев бр.28, сопственост на Република Македонија, која е спроведена во Агенцијата за катастар на недвижности, но Судот до денес, и покрај тоа што помина многу долг период, го нема добиено во владение објектот од причина што истиот, се уште се користи, од службите на Министерството за транспорт и врски.

Со други зборови, Одлуката на Владата со која на Управниот суд му е доделен простор во кој достоинствено може да се спроведуваат судења преку кои граѓаните ќе ги реализираат своите законски права и интереси, е донесена, но и после година и половина од нејзиното донесување, таа не се извршува.

Претседателот на Управниот суд во врска со ваквата состојба ги има превземено следниве дејствија:

  1. Достави барање до Државното правобранителство на Република Северна Македонија, за превземање на конкретни мерки во врска со предавање во владение на објектот кој на Судот му е доделен на трајно користење, но од наведената институција, не беа превземени никакви активности за решавање на проблемот.
  2. Во неколку наврати, пред настапување на датумот за отпочнување со примена на Законот за управните спорови, се обрати до Судскиот совет на Република Северна Македонија, кој има побарано од Министерството за правда и Владата на Република Северна Македонија, да се обезбедат услови за Управниот суд, но за жал и овие напори останаа без конкретен резултат.
  3. Повеќе пати се обрати до Министерство за правда и до Министерството за транспорт и врски, но никаква конкретна мерка од овие органи не е уследена.
  4. Поднесе Иницијатива до Владата на Република Северна Македонија, за одложување на Законот за управните спорови, со објаснување на причините за неможноста тој да се имплементира, но таа, не беше усвоена.

Сметаме дека јавноста треба да биде известена дека уште пред речиси една година, поточно од месец јули 2019 година, Управниот суд, спроведе постапка за реконструкција на горенаведениот објект, навремено ги обезбеди соодветните услови, човечки капацитети и потребни обуки на судиите и вработените во Судот, за непречено функционирање и примена на новиот Закон за управните спорови кој на граѓаните им гарантира судења со јавни расправи и мериторни одлуки во управните спорови.

За жал, заради непредавање на објектот во владение на Судот, предвидените градежни активности не се реализираа, а вољата и капацитетот на судиите да започнат судења со јавни расправи согласно Европската конвенција за човекови права, Стратегијата за реформа на правосудниот сектор од 2017 година и новиот Закон за управни спорови, остануваат неискористени.

Имајќи го предвид наведеното, заедничка е констатацијата на Претседателот на Управниот суд и Претседателот на Судски совет на Република Северна Македонија, дека единствено што ни преостанува е да ја информираме целата јавност за неможноста да се примени новиот Закон за управни судови заради непостоење на ниту една судница во која Судот би одржувал јавни расправи со странките и јавно да ја повикаме Владата на Република Северна Македонија веднаш да ги обезбеди условите за непречена работа на Управниот суд согласно сопствената Одлука од септември 2018 година. Во спротивно, граѓаните нема да имаат фактичка можност да учествуваат во јавни расправи кога ги оспоруваат одлуките на јавните органи иако таквата законска можност е пропишана со новиот Закон за управни спорови, а сето тоа ќе доведе до бројни постапки пред Европскиот суд за човекови права чии завршници ќе бидат на штета на нашата држава, како финансиска, така и во поглед на нејзиниот угледи генералната оценка за степенот на почитување на човековите права и слободи“, стои во соопштението на Управниот суд.

УПРАВНИОТ СУД: Примената на новиот Закон за управни спорови е сериозно доведена во прашање

М.В