/ Прочитано:

1.104

Уставниот суд укина одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Уставниот суд го укина членот 143 ставовите 3 и 4 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во согласност со членот 143 ставовите 1 и 2 од Законот, оператор може да ги реемитува програмските сервиси на домашни радиодифузери само во сервисната зона за која радиодифузерите ја имаат добиено дозволата за обезбедување на телевизиско или радио емитување и врз основа на регулирани авторски права и сродни права, согласно со Законот за авторските права и сродните права.

Оператор може да реемитува програмски сервиси на радиодифузери од други држави согласно со членот 44 од овој закон и врз основа на регулирани авторски права и сродни права, согласно Законот за авторските права и сродните права.

„Тоа значи дека реемитување на програмски сервиси на домашни радиодифузери и радиодифузери од други држави се врши врз основа на регулирани авторски права и сродни права, согласно Законот за авторските права и сродните права. На таков начин не се навлегува во уредувањето, користењето и заштитата на авторските права, туку само се упатува дека истите се уредени со тој посебен закон, кој се почитува и во сферата на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Авторските права се лични права и нивната заштита се остварува пред суд.

Оттука, произлегува дека новопропишаната обврска за одговорното лице на операторот и одговорното лице на радиодифузерот да достават изјави под целосна морална, материјална и кривична одговорност со која потврдуваат дека за реемитување на програмските сервиси ги имаат уредено ТВ-правата за странскиот радиодифузер кој планира да го реемитува на целиот свој програмски сервис за територијата на Република Македонија (член 143 став 3), излегува надвор од режимот на заштита на авторските права пропишан со Законот за авторските и сродни права.

Барањето на овие изјави се однесуваат само за странските радиодифузери, а не и за домашните. Со ваквата законска поставеност на обврските, домашните радиодифузери се ставени во поповолна положба на пазарот на аудиовизуелни медиумски услуги во Републиката во однос на странските радиодифузери, што создава нееднакви пазарни услови на еднакво поставени субјекти на пазарот по однос на условите под кои истите може да учествуваат на овој пазар, што не е во согласност со член 55 став 2 од Уставот.

Дополнително, барање на вакви или слични изјави не е во согласност ниту со директивите од Европската Унија со коишто се уредува аудиовизуелниот пазар.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека Законот неоправдано е оптоварен со непотребни, излишни одредби, коишто само го отежнуваат медиумскиот пазар и предизвикуваат дискриминација помеѓу домашните и странските радиодифузери, при што не придонесуваат за заштита на авторските права, што не е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Неспорно е дека сите учесници во процесот на реемитување на програмските сервиси имаат одговорност за почитување на законските правила и прописи и не можат да бидат ослободени од одговорноста доколку при реемитувањето не го почитуваат Законот.

Меѓутоа, секој од нив е одговорен во делот кој се однесува на неговите права и обврски и не може да одговара за пропустите на другиот, како што произлегува од оспорениот став 4 од членот 143, според кој операторот одговара за пропусти на радиодифузерот, на кои нема можност да влијае. Ова затоа што Законот забранува операторите кои вршат реемитување да вршат каква било интервенција во програмата/содржината којашто ја добиваат од радиодифузерите кои вршат емитување.

Дополнително, постапката за прекршочна и кривична одговорност се уредува со закон, а исто така и регистрацијата на законски застапник на радиодифузер од друга држава е законска материја. Оттука, овластувањето на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со подзаконски акт да ги пропише истите, според Судот, ги надминува законските рамки во кои може да се определат овластувања на Советот, односно со таквото овластување на Советот му се дава улога на законодавец, што уставно не е дозволено и води кон повреда на начелото на владеењето на правото. Доколку законодавецот сметал дека со подзаконски акт на Советот ќе се доразработат законски определени услови и критериуми во дадената сфера, за што не би имало уставни пречки, тоа од начинот на кој е стипулирана одредбата, не произлегува и не е обезбедено“, посочуваат од Судот.

М.В