/ Прочитано:

5.249

ВИДЕОНАДЗОР НА РАБОТНОТО МЕСТО: Камерите предизвикуваат негативно чувство кај вработените и непријатна работна атмосфера

Видеонадзорот и следењето преку монитори е во постојан пораст и во Македонија, велат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Податоците кои се собираат при видеонадзорот, образложуваат од Дирекцијата, најчесто се слики кои се однесуваат на идентификувано лице или на лице кое може да биде идентификувано, директно или индиректно, со цел да се следи неговото однесување. Како што се шири следењето на луѓето преку видеонадзор така се намалува слободата на движење и однесување на луѓето и нивната приватност.

Посебно треба да се внимава на видеонадзорот на работните места, истакнуваат од Дирекцијата. Следењето на работниците на работните места преку видеокамери, подвлекуваат од оваа институција, предизвикува негативно чувство, губење на концентрацијата и непријатна работна атмосфера.

Работодавецот треба да ја почитува приватноста на сите вработени

„Новата технологија може да влијае на здравјето и физичката состојба на работниците и на работната способност. Видеонадзорот на работното место може да се инсталира само ако е потребно за заштита на животот или здравјето на луѓето, за заштита на сопственоста, за заштита на животот или здравјето на вработените поради природата на работата или поради обезбедување на контрола над влегувањето или излегувањето од службените или деловни простории“, образложуваат од Дирекцијата.

Вработените треба да бидат информирани доколку се под видеонадзор. Вработените, исто така, треба да бидат информирани за целта и за причините за снимањето доколку нивниот претпоставен има поставено видеонадзор во работните простори.

Вработените, нагласуваат од Дирекцијата, не треба да се под постојан видеонадзор. Работодавецот треба да ја почитува приватноста на сите вработени додека се на работното место, односно работодавецот мора да го почитува начелото на пропорционалност во однос на целта заради која се поставува видеонадзорот.

M.В