/ Прочитано:

1.425

ВРХОВЕН СУД: Нема услови за судењето за „Дива Населба“ во комплексот судски згради

„Во согласност со наведеното, ви укажувам дека покрај Врховниот суд има и други државни институции кои располагаат со сали кои обезбедуваат доволен простор за спроведување на наведениот предмет, дотолку повеќе што сметам дека во исполнувањето на безбедносните услови подобро е судењето да се одвива надвор од комплексот судски згради“, стои во одговорот на барањето на Кривичниот суд.

Прво рочиште за Дива населба, надвор

Судењето за предметот „Дива Населба“, кое започна пред повеќе од три месеци, денеска најверојатно ќе биде одложено поради немање услови за негово одржување. Во овој предмет 29 лица се обвинети за терористичко организирање и тероризам и кога се одржува судењето во Кривичниот суд во Скопје, од безбедносни причини, се блокираат улиците, надлетуваат хеликоптери, а зградите во делот на Судската палата се под силно полициско обезбедување.

Просторните проблеми на Кривичниот суд беа познати уште на почетокот на процесот откако Врховниот суд не ја отстапи големата сала, па рочиштата се одвиваа во судницата број еден во Основниот суд Скопје 1, која е несоодветна и која одвај ги собира обвинетите и адвокатите, додека, пак, новинарите го следат судењето од судската библиотека.

Денес повторно се доведени во прашање условите за одржување на рочиштето откако неколку медиуми вчера објавија допис од претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, во кој таа повторно наведува дека нема да ја даде на користење големата сала која имала свечен карактер и не била технички опремена како судница, иако во минатото голем број процеси се одвивале токму таму.

„Од друга страна, доколку се овозможи во оваа сала да се одвива ова судење, во целост ќе се загрози безбедноста и редовното функционирање на Судот според известувањето од командантот на судската полиција“, наведува Неделкова во дописот.

Дури и  кога судењето се одржува во зградата на Кривичниот суд, мерките кои ги презема МВР за обезбедување на услови за судењето се вонредни и го отежнуваат и го оневозможуваат движењето и пристапот на странките во судскиот комплекс, додава Неделкова.

„Во согласност со наведеното, ви укажувам дека покрај Врховниот суд има и други државни институции кои располагаат со сали кои обезбедуваат доволен простор за спроведување на наведениот предмет, дотолку повеќе што сметам дека во исполнувањето на безбедносните услови подобро е судењето да се одвива надвор од комплексот судски згради“, стои во одговорот на барањето на Кривичниот суд.

Претходно, од Кривичниот суд информираа дека се упатиле и до Министерството за правда за обезбедување на сала надвор од судскиот комплекс.

Првите две рочишта од процесот се одржаа во салата која сега не ја дава на користење Врховниот суд. Понатаму, рочиштата за овој предмет продолжија да се држат во судницата број еден во Кривичниот суд, и покрај просторните проблеми. На лошите услови реагираа и тројца адвокати кои беа казнети од судијката Верка Петковска.

Судењето требаше да продолжи со сослушување на заштитени сведоци полицајци учесници во акцијата во кумановската Дива Населба од 9 и 10 мај. Зад затворени врати, според процените на одбраната, требаше да се одржат уште најмалку пет рочишта.

М. С.

ЈАШАРИ: Претседателот на Кривичниот суд треба да одлучи кога ќе се пресели Судот во новата зграда, КРИВИЧЕН СУД: Новата зграда сѐ уште не е комплетно опремена