Законот за фитофармација со европско знаменце во собраниска процедура
Со Предлог-законот за фитофармација, се вели во Законот чиј предлагач е Владата, се уредува областа на маркетингот на фитофармацевтските производи, нивната употреба, спроведувањето и прибирањето на статистичките податоци за фитофармацевтските производи кои се ставени во промет и употребени, резидуите кои ги оставаат овие производи во растенијата, растителните производи, храната и храната за животни, како и процедурите и постапките за оценување и регистрирање на фитофармацевтските производи.
„Целта на овој закон е да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на луѓето, животните и животната средина, подобрување на функционирањето на пазарите, како и подобрување на земјоделското производство. Овој закон се заснова на принципот на претпазливост, осигурувајќи дека активната супстанца или фитофармацевтскиот производ (во понатамошниот текст ФФП) кој се пласира на пазарот нема негативен ефект врз здравјето на луѓето или животните или на животната средина, вклучувајќи ги и случаите кога постои научна несигурност во врска со ризиците поврзани со здравјето на луѓето или животните или животната средина што произлегуваат од употребата на овие производи.
Со Предлог-законот се воспоставува правен основ за пререгистрација на сите економски оператори кои треба да ги исполнуваат условите за доследно спроведување на постапките за добивање на безбедни финални примарни производи.
Со текстот на законот се воспоставува процедура на оцена и одобрување на фитофармацевтски производи, како и заемно признавање на производи регистрирани во јужната зона, во која согласно поделбата на ЕППО припаѓа и Македонија. Се воспоставува основ за лиценцирање на професионални корисници, дистрибутери и советници за употреба на фитофармацевтските производи. Се воспоставува процедура на сертификација на опремата за апликација на ФФП“, се вели во законското образложение.
М.В