/ Прочитано:

859

Донесена е Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници

„Владата на Република Северна Македонија, на 68-мата седница одржана вчера, ја донесе Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година.

Во Член 1 на Уредбата стои дека со неа се уредуваат прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година и се уредува примената на одредби на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 42/20), како и прашања за примена на одредби од други закони кои се однесуваат на изборниот процес.

На изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, закажани за 15 јули 2020 година се применуваат одредбите од Изборниот законик, освен за оние дејствија за кои со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Членот 2 од Уредбата определува дека дејствијата за спроведување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, распишани со Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 43/20 и 159/20), не се спроведуваат за време на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Спроведувањето на останатите изборни дејствија, кои не беа спроведени до стапувањето во сила на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 72/20), ќе продолжи од денот на престанок на вонредната состојба, освен ако со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

Сите изборни дејствија кои се преземени согласно одредбите на Изборниот законик и Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 70/20 и 154/20) до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила се сметаат за важечки.

Во Член 3 се утврдува дека Државната изборна комисија во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила објавува на својата веб-страница ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија согласно одредбите на Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија ги презема и извршува сите технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик и оваа уредба со законска сила.

Членот 4 уредува дека Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, е должно да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик и тоа листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

Основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до Државната изборна комисија податоците за граѓаните согласно членот 43 ставовите 2 и 3 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.

Органот надлежен за извршување на санкциите во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила е должен да ги достави до Државната изборна комисија податоците за граѓаните согласно член 44 став 1 од Изборниот законик, заклучно со денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажурирање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, од моментот на нивниот прекин, согласно одредбите на оваа уредба.

Уредбата во Членот 5 определува дека изборната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија започнува на 24 јуни 2020 година и трае 20 дена.

Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 96 часа пред денот на одржување на изборите.

На 13 јули 2020 година гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат. При спроведувањето на гласањето на овие лица се применува членот 111 од Изборниот законик.

Во општините во кои гласаат лицата од став 3 од овој член, во зависност од нивниот број, Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето на лицата од ставот 3 од овој член, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор согласно член 38 ставовите 5 и 6 од Изборниот законик.

На 14 јули 2020 година гласаат немоќни и болни лица согласно член 111 од Изборниот законик, како и хронично болните лица и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.

Дејствијата на изборните органи кои согласно Изборниот законик се преземаат еден ден пред одржувањето на изборите, ќе се спроведуваат во рокови утврдени со роковникот на Државната изборна комисија.

Членот 6 утврдува дека гласањето на 15 јули 2020 започнува во 07:00 часот и трае непрекинато до 21:00 часот.

Времето за преземање или забрана за преземање на определените дејствија согласно одредбите од членот 77 став 3, членот 101 став 2 и 3 и членот 102 ставот 1 од Изборниот законик наместо 19:00 часот ќе биде 21:00 часот.

Членот 7 од Уредбата определува дека за време на изборната кампања, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 14 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од власта кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за двете најголеми партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да се одвојат најмногу шест минути, за политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија и за независни кандидати можат да се одвојат најмногу две минути.

Во Член 8 се задолжува Министерството за здравство, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, обезбедува заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

Член 9 од оваа уредба утврдува дека од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанокот на траењето на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик, како и дека од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применува членот 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019).

Според Член 10 оваа уредба стапува на сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението на Владата.

Пендаровски донесе нова одлука за вонредна состојба во времетраење од осум дена

Претседателот Пендаровски нема да прогласи нова вонредна состојба

Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата за прашања поврзани со изборниот процес

Владата ги задолжи МВР и инспекторатите да вршат засилени контроли во подрачјата со поголем број новозаболени од коронавирус

Нови забрани за движење на граѓаните

Министерството за здравство апелира во целост да се почитуваат мерките и препораките

Донесени неколку протоколи кои се однесуваат на образованието

Пендаровски: Нови 14 дена вонредна состојба

Филипче: Дел од граѓаните не ги почитуваат мерките и самоизолацијата

Протоколи за работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана

Министерство за здравство: Од денеска целосно престанува да важи одлуката за забрана за движење

Владата: Престанува одлуката за забрана за движење

M.В