Измените на Законот за заштита на личните податоци на собраниска седница
Измените на Законот за заштита на личните податоци се на дневен ред на денешната собраниска седница. Предлагач на измените е Владата. Во измените, се вели во законското образложение, воведени се нови решенија во однос на обработката на личните податоци, од кои позначајни се:
- начелото на отчетност и одговорност, и тоа како на ниво нa контролор/обработувач така и на ниво на држава;
- дополнителни обврски за контролорите, односно обработувачите за воспоставување на институтите приватност при дизајнирање на информациски системи кои обработуваат лични податоци и проценка на влијанието на предвидените процеси на обработка во однос на заштитата на личните податоци;
- контролен механизам на органите за заштита на личните податоци за нивно консултирање во однос на предлози за какви било законски или подзаконски акти кои вклучуваат обработка на личните податоци;
- обврска за обезбедување дека органите за заштита на личните податоци ќе ги имаат сите неопходни ресурси за ефективно извршување на нивните функции и да ги извршуваат нивните овластувања, како и нагласување на нивното самостојно, независно и непристрасно функционирање.
Со предлагањето на измената и дополнувањето на Законот за лични податоци со најголем дел од измените се врши номотехничко коригирање на одредени законски решенија/термини кои се содржани во законот.
Предложените измени претставуваат обезбедување на конзистентност во користењето на правната терминологија во законот, односно ќе се изврши јасно прецизирање од номотехнички аспект на одредени законски одредби со цел тие да бидат јасни, недвосмислени и разбирливи и со тоа лесно и подеднакво применливи во сите ситуации и за сите.
Измени на Законот за заштита на личните податоци по скратена постапка
Министерството за правда подготвува измени на Законот за заштита на личните податоци
М.В