/ Прочитано:

2.523

Како треба да постапува полицискиот службеник во извршувањето на полициските овластувања

Во извршувањето на полициските овластувања полицискиот службеник е должен да постапува хумано и да ги почитува достоинството, угледот и честа на лицата како и основните слободи и права на човекот и граѓанинот, се пропишува во Законот за полиција.

Полицискиот службеник во униформа при примена на полициските овластувања, е должен да се легитимира.

Кога полицискиот службеник ги применува полициските овластувања во цивилна облека, е должен најнапред да се легитимира.

По исклучок, полицискиот службеник нема да се легитимира ако реалните околности за примена на полициските овластувања укажуваат дека би можело да се загрози постигнувањето на нивната цел.

Полицискиот службеник својот статус ќе го најави со зборовите „полиција“. Кога ќе престанат околностите, полицискиот службеник ќе се легитимира.

При примената на полициските овластувања повикување, лишување од слобода приведување и задржување, полицискиот службеник мора веднаш да го извести лицето на јазик што го разбира, за причините за повикувањето, лишување од слобода приведувањето или задржувањето и на јасен начин да го поучи за правото да молчи, правото да се советува со бранител, правото на бранител за време на полициската постапка, правото на лекарска помош ако тоа лицето го бара, како и за правото да се извести член на неговото семејство или нему блиско лице.

Примената на полициските овластувања мора да биде сразмерна на потребата заради која се преземаат.

Од полициските овластувања се применуваат само оние со кои со најмалку штетни последици и во најкраток временски период ќе се оствари целта.

Полициски работи, меѓу другото, се дејствија на полициските службеници што се однесуваат на заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори;

Етичкото постапување на полицијата е регулирано во Кодексот на полициската етика, каде што се пропишува дека основна цел на полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот.

Полициските службеници, при вршењето на полициските овластувања ги почитуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, како што се: право на живот, слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слобода на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање, слобода на вероисповед, слобода на здружување заради остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и други права и уверувања на граѓаните, вероисповед, правото на мирно собирање, слобода на движење и правото на сопственост, како и други слободи и права гарантирани со Уставот на Република Македонија, се пропишува во Кодексот.

Полицијата е организирана со цел да ја промовира довербата меѓу полициските службеници и јавноста преку развивање на јавна, транспарентна и услужна функција.

Полициските службеници при постапувањето го почитуваат правото на живот на секој граѓанин.

Полициските службеници не смеат да предизвикуваат, да поттикнуваат или да толерираат никаков чин на тортура, мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Полициските службеници можат да употребат средства на присилба само кога е тоа неопходно и само во обем што е потребен за постигнување на одредена легитимна цел.

Полициските службеници го почитуваат личното достоинство и индивидуалните потреби на лицето кое е повикано, приведено или лишено од слобода заради постоење на основи на сомневање дека извршило кривично дело.

Полициските службеници нема да употребат огнено оружје, освен ако тоа е неопходно и е во согласност со закон.

Полициските службеници, се пропишува понатаму во Кодексот,  ги извршуваат полициските работи согласно закон и ратификуваните меѓународни договори.

Полициските службеници секогаш ја верификуваат законитоста на своите планирани акции.

Полициските службеници треба да ги почитуваат писмените и усните наредби на претпоставените, согласно закон и подзаконските прописи.

Полициските службеници ги извршуваат наредбите дадени од претпоставените, се воздржуваат од извршување на незаконски наредби и го информираат својот претпоставен за дадените и извршените наредби.

Полицискиот службеник, без да страхува од санкции, ќе се воздржи од извршување на незаконски наредби кои претставуваат извршување на кривично дело.

Полициските службеници, се вели во Кодексот, ги извршуваат своите задачи чесно и на праведен начин, раководејќи се од принципите на непристрасност и рамноправност на сите граѓани.

Полициските службеници го почитуваат правото на приватност на граѓаните согласно Уставот на Република Македонија и закон.

Обработката на личните податоци од страна на полицијата се врши согласно прописите за заштита на личните податоци и ратификуваните меѓународни договори за заштита на лични податоци, ограничено и во обем неопходен за извршување на законски обврски.

Основна функција на полицијата е заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот

Како треба да постапуваат полициските службеници според Кодексот на полициска етика и Законот за полиција

М.В