Катастарот ги презентираше новините за имотните листови и за запишувањето на правата
Агенцијата за катастар на недвижности најави дека ќе ги исправа грешките настанати при впишување на правата на недвижностите во имотните листови на граѓаните. Овие грешки, појаснуваат од Катастарот, настанале поради преклопување на дигиталните со аналогните планови.
Во практиката, посочи на денешната прес-конференција Борис Тунџев, има примери кога за земјиште од 500 квадрати се јавуваат дури и по 20 сопственици. Со новите законски измени, додаде директорот на Катастарот, граѓаните ќе може да поднесат барање за бесплатно поправање на грешката. Со законските новини ќе се исправат најголем дел од проблематичните случаи, освен оние каде што се појавуваат нарушени меѓусоседски односи.
Тунџев најави и дека до крајот на годината ќе се впише целосно државниот имот за кој е утврдено дека нема имотен лист. Голем дел од имотот, нагласи тој, веќе е запишан. Останува во наредните два месеци до крајот на годината да го запишеме целокупниот имот во однос на шуми, пасишта и други катастарски култури.
Законските новини овозможуваат и запишување на правата за имотот во општините кој сѐ уште се води според пописен катастар. Целта е целокупниот имот со незапишани права да биде ставен во промет и да си добие сопственик.
Посочувајќи на податоците од Катастарот, Тунџев информираше и дека бројот на професионални корисници на Катастарот е во пораст. Како професионални корисници се јавуваат нотари, адвокати, општини, приватни трговски друштва за геодетски работи. Нивниот број за две години е зголемен за близу 40 проценти. Во таа насока, резимираше Тунџев, се наметнува потребата од проширување на хардверските капацитети за професионалните корисници.
Измени на Законот за катастар на недвижности за подобрување на квалитетот на запишаните податоци
Новини во работењето на Агенцијата за катастар на недвижности
Стратешкиот план на Катастарот за 2019 година ќе се реализира со годишна програма
Компаниите укажуваат на недоречености во градежната регулатива
Потребна е реформа на законодавството од областа на градењето која ќе го заштити јавниот интерес
М.В