Коментари за Извештајот на Европската комисија во однос на правосудството, економијата и социјалната политика
Во Извештајот на ЕК се вели дека во реформата на јавната администрација направен е добар напредок, но потребни се понатамошни напори за зголемување на одговорноста на администрацијата и спречување на нејзино политизирање. Според Комисијата, има напредок и во делот на реформите за судскиот систем, но релевантните институции треба да вложат напори и преку својот пример треба да ја вратат довербата во судството.
Комисијата посочува дека е подготвен нов Закон за јавното обвинителство, со кој се интегрира Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство и воедно посочува на новиот Закон за спречување на корупцијата и на активностите на новата Антикорупциска комисија.
Според Европската комисија, унапредена е легислативата за фундаменталните човекови права, особено од аспект на зголемена заштитата против говорот на омраза и дискриминацијата со измени на Кривичниот законик и донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во делот, пак, на слободата на изразувањето, земјата се оценува како умерено подготвена.
Ива Цоневска од Институтот за европски политики вели дека по една декада препораки, оваа година препораката е различна, јасна, безусловна, а Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија се истакнати како позитивен пример.
Комисијата, истакнува Цоневска, ги поздравува реформските процеси на внатрешен план и резултатите во областа на судството, борбата против корупцијата, разузнавачките служби и јавната администрација. Цоневска истакна дека во однос на политичките критериуми поглавјата 23 и 24, кои се најрелевантни за владеењето на правото, имаме најголем напредок и најголемо ниво на усогласеност во однос на другите земји од регионот.
ЕК го поздрави и самиот политички дијалог во Собранието, како и вклученоста на граѓанското општество во процесот на креирање на политики. Комисијата оценува дека промената на правната рамка во делот на правосудството овозможува цврста основа за трајни промени. Она што следува, додава Цоневска, е доследна имплементација на законите и спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, а особено ЕК смета дека е потребна стратегија за човечки ресурси во судството и обвинителството, како и унапредување на судскиот информатички систем.
Од „Фајнанс тинк“ велат дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија дава безусловна препорака за отпочнување на преговорите за пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ. Во таа смисла, Извештајот го забележува значајниот напредок направен во однос на претходниот извештаен период (април 2018), и особено значајниот напредок во делот на исполнувањето на политичките критериуми. Извештајот дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, нотирајќи одреден напредок.
„Фајнанс тинк оценува дека, додека Извештајот врши експлицитно и недвосмислено вреднување на преземените чекори во делот на деблокирањето на евроатлантските процеси, оценката за економскиот амбиент е значајно поограничена. Ваквата оценка на економските политики и потези на Владата е во целосна согласност со укажувањата на домашната експертска јавност за отсуството на посветеност кон целта и меѓусебната усогласеност на економските политики, како и недоволниот капацитет за испорачување економски реформи на повеќе фронтови“, истакнуваат од „Фајнанас тинк“ чијшто целосен коментар за Извештајот може да се преземе на следниот линк.
„Се забележува напредок во социјалната инклузија и заштита. Сиромаштијата е сѐ уште сериозен проблем, но се очекува подобрување на состојбата со новиот Закон за социјална заштита кој овозможува гарантиран минимален приход за сите невработени“, се вели во Извештајот на ЕУ во однос на напредокот на Република Северна Македонија во делот на труд и социјална политика.
Во Извештајот се поздравува и воведувањето на таканаречената социјална пензија, имплементацијата на „Гаранцијата за млади“ и пилотирањето на услугата персонална асистенција, која во новиот Закон станува и загарантирано право.
„Во однос на регулирање на пазарот на трудот, во Извештајот се нотира вклучувањето на сите засегнати страни во подготовка на новиот Закон за работни односи. Исто така, се спомнуваат измените на Законот за минимална плата…Извештајот на ЕУ, исто така, забележува пад на невработеноста од 22,4% во 2017 на 20,7% во 2018 година. Во согласност со Извештајот, новиот Закон за превенција и заштита од дискриминација, кој беше донесен во март оваа година, ќе придонесе за изедначување на мажите и жените на пазарот на трудот и во поглед на социјалните политики. Со него сексуалната ориентација и родовиот идентитет се воведуваат како основи за дискриминација и се овозможува еднаква заштита за сите граѓани“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Европската комисија препорача започнување на преговорите
Заклучоци од конференцијата „Поглавјето 23: македонското сидро или едро“
Коментар на ЕПИ за заклучоците на Советот на ЕУ: Најава за почеток на еден долг пат
Коментари по повод Извештајот на Европската комисија за Република Македонија
М.В