/ Прочитано:

4.389

Основање друштво со ограничена одговорност со основачки капитал од 1 евро

Измените на Законот за трговските друштва се во собраниска процедура и на дневен ред на денешната собраниска седница. Граѓаните кои имаат бизнис-идеја ќе може да основаат друштво со ограничена одговорност со основачки капитал од 1 евро, се предлага во измените.

„Целта на Предлог на законот е  да се овозможи основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од 1 евро, од страна на лица-граѓани кои имаат идеја за водење бизнис, но немаат доволно средства во износ од најмалку 5.000 евра основачки капитал, за да отпочнат сопствен бизнис. Со примената на одредбите од Предлог законот се очекува и намалување на сивата, нелегална економија во државата.

Со Предлог на законот се воведува нов тип друштво со ограничена одговорност, кој го носи насловот „Поедноставено друштво со ограничена одговорност-ПДОО“. Друштвото може да има најмногу до тројца основачи-физички лица, од кои еден е управител, односно член на органот на управување. Со оглед на тоа што станува збор за друштво со основна главнина од 1 евро, се предлага воведување посебен режим за финанисиско работење во однос на располагање со добивката, како и обезбедување и располагање со задолжителната резерва на друштвото.

Со Предлог на законот се врши усогласување со Законот за прекршоци, објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр.96 од 17.05.2019 год. Со Предлог на законот се овозможува намалување на износот на глобите за трговците, доколку согласно Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата се предлага да биде зголемен. Воедно, значително се намалува износот на глобата за членови на орган на управување во акционерските друштва, доколку во конкретно определени случаи постапуваат спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, поради што се воведува мерка забрана за вршење должност во траење од една година, заедно со изречената глоба, доколку прекршокот биде повторно сторен од страна на членовите на органот на управување.

Со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што на сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и  привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице“, се образложува во измените.

Граѓаните кои имаат бизнис-идеја ќе може да основаат друштво со ограничена одговорност со основачки капитал од 1 евро

Предложени измени на Законот за трговските друштва со кои се предвидуваат повеќе значајни новини

Членовите 552 а и б од ЗТД – „докрадување“ – проф. д-р. Димитар Гелев за бришењето на правни субјекти од Централниот регистар

М.В