Прв квартален извештај од следењето на Антикорупциската комисија
Транспарентност Македонија (понатаму во текстот само ТМ), во соработка со Институтот за човекови права, го спроведува проектот „Следење на работата, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на Државната комисија за спречување на корупцијата“.
Проектот се реализира во периодот од јуни 2019 – март 2020 година и е поддржан од Амбасада на Велика Британија во Република Северна Македонија.
Првиот квартален извештај се однесува на работата на Државната комисија за спречување на корупција, за периодот јуни – август 2019 година и произлегува од претходно подготвена и одобрена нова методологија и индикатори за следење на работата на ДКСК.
Целта на оваа методологија е да се направи сеопфатен пристап меѓу законските надлежности на институцијата, следење на работата и постигнувањата на Државната комисија за спречување на корупцијата, со оценка за ефективноста и транспарентноста, од каде што ќе произлезат предлог-препораки за унапредување на состојбите.
Притоа, покрај остварувањето на законските надлежности и овластувања, кои се дадени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, работењето и постигнувањата на ДКСК ќе се следат и ќе се оценуваат и преку степенот на запазување на принципите на транспарентност, отчетност и одговорност во работењето на Комисијата и преку мониторинг на содржината на одлуките кои ги носи во текот на периодот за кој се известува. Воедно, онаму каде што е можно ќе се мери ефектот од донесените одлуки, т.е. препораки или поднесени иницијативи до други органи, во согласност со закон. Оттука, покрај актуелниот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како основни документи во кои се наведуваат обврските и работните задачи на Комисијата ќе се користат и: Деловникот за работа на ДКСК, Годишната програма за работа на ДКСК, Стратешкиот план на ДКСК за период 2018 – 2020, Буџетот на ДКСК, Методологијата за антикорупциска проверка на легислативата, Државните програми за превенција и репресија на корупцијата и за превенција и намалување на појавата на судирот на интереси со акционен план за нивно остварување 2016 – 2019, како и други соодветни документи. Првиот квартален извештај од следењето на ДКСК може да се преземе на следниот линк.
М.В