Усвоена информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО
„Владата ја усвои информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО и одлучи да продолжи со исполнувањето на релевантните препораки и одлуки на УНЕСКО, во насока на зачувување на статусот на светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот Регион.
Притоа Владата го задолжи заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, во соработка со Канцеларијата на премиерот, да формира работна група составена од функционерите на сите засегнати институции која ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа за алтернативна рута на железничката пруга покрај Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа – Струга, согласно со наодите на Реактивната мониторинг мисија и релевантните препораки на УНЕСКО.
Предлог-решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15 јануари 2020. Министерството за транспорт и врски е задолжено во соработка со Националниот парк „Галичица“ и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во регионот и да го достави до Владата најдоцна до први септември оваа година.
Министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура се задолжени да изработат предлог-план за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО и да го достават до Владата за усвојување, најдоцна до почетокот на декември 2019 година. Истовремено, Владата силно ги охрабрува општините Охрид и Струга да ги исполнат препораките на УНЕСКО, со крајна цел Охридскиот Регион и натаму да биде под закрила на УНЕСКО“, соопштуваат од Владата.
Времено се прекинуваат постапките за издавање одобренија за градење во Охрид
Се подготвува нов Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион
М.В