/ Прочитано:

2.346

Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион во собраниска процедура

Природното и културното наследство на Охридскиот регион е впишано на Списокот (Листата) на светското наследство на УНЕСКО во согласност со критериумите содржани во Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура. Во 1979 година првично е впишано како природно добро, а по една година како мешано добро, природно и културно наследство, во согласност со критериумите (i), (iii), (iv) и (vii) на Конвенцијата.

Во согласност со Конвенцијата на УНЕСКО, се вели во образложенито на Предлог-законот кој е пред пратениците, критериумот (i) претставува ремек-дело на човековиот креативен дух;  под критериумот (iii)  се подразбира единствено или барем извонредно сведоштво на одредена постојна или исчезната цивилизација; критериумот (iv) претставува извонреден пример на градба, архитектура или технолошки ансамбл или пејзаж кој ги отсликува значајните епохи на човековата историја; а под критериумот (vii) се подразбираат суперлативни природни феномени или подрачја со исклучителна природна убавина и естетска важност.

„Природното и културното наследство на Охридскиот регион ги вклучува историскиот центар на градот Охрид, градот Струга, рибарски населби на брегот, ранохристијанските духовни центри и манастири, како и над 250 археолошки локалитети кои опфаќаат период од над 5000 години. Градот Охрид,  како комплексна споменична целина,  има огромно  значење поради многубројните археолошки локалитети што ги содржи, како и низата поединечни објекти кои имаат карактеристики на културно наследство од исклучително значење. Урбаното јадро на Охрид вклучува градби и други структури кои датираат од предисторијата, антиката и доцната антика, ранохристијанскиот период, раниот и развиениот среден век, османлискиот период, сѐ до денес.

Охридското Езеро долго време е познато како суперлативен природен феномен. Со геолошка и биолошка историја од 2 до 5 милиони години, се истакнува како најстаро природно езеро во Европа и едно од најстарите езера во светот. Со најголема просечна длабочина од 155 метри, претставува најдлабоко езеро во Европа и четиринаесетто во светот. Охридското Езеро поседува исклучителна биолошка разновидност со голем број ендемски видови.

И покрај меѓународните и националните мерки за заштита, природното и културното наследство во Охридскиот регион и понатаму се под закана поради непланираниот урбан развој, несоодветното управување со отпадните води и цврстиот отпад, промените во живеалиштата, уништувањето или осиромашувањето на природните ресурси, развојот на инфраструктурата и интензивните туристички активности.

Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО (која се реализираше во април 2017 година), донесе Извештај кој е преточен во Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена на неговата 41. сесија во Краков, Полска, во јули 2017 година. Наодите на Мисијата укажуваат дека целокупната состојба на зачуваност може да се смета за ранлива, и ако приоритетните препораки не се спроведат во рамките на препорачаниот рок од две години (т.е. до 2019 година), подрачјето може да ги исполни критериумите за впишување на Листата на светско наследство во опасност. Во Извештајот на Реактивната мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО  е содржана препорака, според  која е потребно во Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион донесен во 2010 година да се утврди соодветен механизам за одлучување и управување, како и да се дефинираат надлежностите и составот на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион преку воспоставување на вистински партиципативен пристап во управувањето со доброто, со активно вклучување на локалните заедници и граѓанските организации. Имајќи предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион донесен во 2010 година во својата повеќегодишна примена покажа и други формални  недостатоци,  се утврди потребата од изработка на нов закон“, се вели во законското образлжение.

Со Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе се создадат формално-правни предуслови, преку интегрирано управување со природното и културното наследство, да се спречат активности кои негативно влијаат врз  исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион,  како и да се преземат мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој.

Со новиот состав на Советот за следење и координација на управувањето со природното и културно наследство во Охридскиот регион, се додава во образлжението, ќе се зголемат капацитетите за ефективно управување со природното и културното наследство.

„Во Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион се имплементираат обврските што произлегуваат од Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура. Со донесувањето на законот се очекува да се постигнат следниве цели:

создавање услови за заштита, популаризација и унапредување на состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион;

пренесување на исклучителните вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион на идните генерации;

спроведување на научни истражувања и воспитно-образовни активности;

создавање на услови за одржлив развој на Република Северна Македонија и општините Охрид, Струга и Дебрца преку соодветно користење на природното и културното наследство во Охридскиот регион;

спречување активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион;

вклучување на Република Северна Македонија и општините Охрид, Струга и Дебрца во меѓународниот систем на соработка и помош со цел меѓународна заштита на природното и културното наследство“, се вели во законското образложение.

Новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион ќе влезе во собраниска процедура

Времено се прекинуваат постапките за издавање одобренија за градење во Охрид

УНЕСКО препорачува Охрид да се стави на листата на загрозено светско наследство и бара мораториум на градбите

Потребна е ревизија на регулативата за управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион

Се подготвува нов Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион

Екологистите со писмо до пратениците бараат мораториум на  инфраструктурните проекти  на охридското крајбрежје

М.В