КСЗД: Задолжителното вакцинирање на децата како услов за упис во основните училишта не претставува дискриминација
„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, одлучувајќи по претставка на родител за извршена дискриминација врз основа на вакцинален статус, односно личен статус, одлучи дека задолжителното вакцинирање на децата како услов за упис во основните училишта не претставува дискриминација врз било која основа.
Комисијата донесе општа препорака која вели дека законите, мерките, препораките и други релевантни акти кои што се во насока на спречување, лекување и контрола на ситуација на епидемиски, ендемични и други болести не претставуваат кршење на правото на приватноста на индивидуата, на неговиот личен и семеен живот и на достоинството и угледот. Истите се во насока на гарантирање на заштитата на јавното добро и јавното здравје на сите граѓани, а особено на децата. Конвенција за правата на детето го гарантира „најдобриот интерес на детето“ во поглед на сите преземени активности што се однесуваат на децата, без оглед дали се преземени од јавни институции, судови, управни органи или законодавни тела. Дополнително, во случајот VAVŘIČKA и други против Република Чешка (бр. 47621/13), ЕСЧП го нотира постоењето на општ консензус дека вакцинацијата е една од најуспешните и најисплатливи здравствени интервенции и дека секоја држава треба да има за цел да постигне највисоко можно ниво на вакцинација меѓу нејзината популација.
Во конкретниот случај, родителот поднесе претставка за дискриминација против општинско основно училиште „Св. Климент Охридски“ од Скопје. Училиштето одбило да го запише нејзиното дете поради отсуство на потврда дека се примени сите задолжителни вакцини за упис во основно училиште. Подносителката цитира медиумски статии во кои од Министерството за образование порачуваат дека „ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем“ и дека во Уставот е наведено дека основното образование е задолжително. Дополнително, подносителката како аргумент го цитира Годишниот извештај на Народниот правобранител од 2018 година во кој за друг сличен случај се тврди дека е „крајно дискриминаторско и спротивно на закон постапувањето на училиштето поради што го одбил уписот во прво одделение поради фактот што детето не било вакцинирано од сите задолжителни вакцини“. Таа, исто така, го истакнува фактот дека основното образование е задолжително согласно Законот за основно образование, дека правото на образование е универзално согласно голем број меѓународни документи и договори а исто така се цитира и пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур односно случајот Салвети против Италија, (бр. 42197/98), во кој се тврди дека недоброволното вакцинирање е спротивно на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.
Од училиштето одговорија дека Комисијата за запишување на ученици во прво одделение основана при училиштето, во уписниот период за предметниот настан, одбиле да извршат упис на ученикот врз основа на фактот дека недостасувала потврда за примените задолжителни вакцини. За одлуката веднаш бил известен родителот, по што родителот го известил училиштето дека е против вакцинација и дека не би го вакцинирала нејзиното дете. Во оваа насока, се нотира дека согласно член 46 став 2 од Законот за основно образование, дете не може да биде запишано без потврда за примени задолжителни вакцини. Увид во работата извршил и Државниот просветен инспекторат и констатирал дека училиштето не постапило спротивно на законските норми.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација смета дека во конкретниот случај нема повреда на правото на еднаквост, односно основното училиште Св. Климент Охридски од Скопје не извршил дискриминација врз основа на личен статус врз подносителката во смисла на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Основното училиште постапувало согласно законот, мерките и препораките на надлежните власти кои се во насока на заштита на јавното здравје“, соопштуваат од Комисијата.
Пресудата на ЕСЧП и задолжителната вакцинација во една од одлуките на македонскиот Уставен суд
Задолжително доставување потврди за вакцинален статус при упис во училишни и предучилишни установи
Граѓанската иницијатива за законски измени за незадолжителна вакцинација во собраниска процедура
Вакцинацијата од уставноправен аспект во една од одлуките на Уставниот суд
М.В