Меѓународен ден за елиминирање на насилството врз жените
Денеска на глобално ниво се одбележува Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените. Од Советот на Европа истакнуваат дека во борбата против насилството врз жените од круцијално значење е примената на Истанбулската конвенција. Од Обединетите нации истакнуваат дека насилството врз жените преставува грубо кршење на човековите права и посочуваат на широката распространетост на насилството врз жените.
„На овој ден треба да се потсетиме дека секоја трета жена во светот искусила некаква форма на насилство, а според податоците на Обединетите нации, семејното насилство е убиец број еден на жените. Наместо жената да биде и да се чувствува безбедна во домот, понекогаш најголемата опасност за неа доаѓа токму оттаму“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Во Македонија, само во првите 9 месеци од 2019 година, пријавени се 709 кривични дела од областа на семејното насилство, од кои 610 биле жени жртви.
„Може да заклучиме дека семејното насилство повеќе ги погодува жените токму поради тоа што се жени“, нагласуваат од Хелсиншкиот комитет.
Земајќи предвид дека истражувањето на ОБСЕ покажува дека „само 2% од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција“ зборува дека бројката на жени кои трпат насилство е многу повисока од официјалните статистики. Исто така, загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата. Истражувањето на ОБСЕ открива дека „три од пет (60%) жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.“
Од Комитетот велат дека за да се победат овие поразителни бројки, сите актери во општеството мора да работат заеднички: институциите, граѓанските организации, медиумите, како и секој граѓанин. Насилството врз жените не е приватна работа, тоа е општествена појава која треба да се искорени.
„За поздрав е иницијативата за подготовка на нов Закон против насилство врз жени и семејно насилство, кој ги следи одредбите на Истанбулската конвенција, а кој беше изготвен во процес на консултација со граѓанскиот сектор. Новиот нацрт-закон препознава и санкционира и нови форми на насилство врз жени, дефинирани во Истанбулската конвенција, но потребно е побрзо да се усвои за да се започне со обезбедување сеопфатни сервиси до жртвите.
Насилството врз жените и семејното насилство ја ограничуваат жената да учествува во економскиот и општествениот живот, предизвикува депресија, чувство на немоќ и безизлезност, а претставува и грубо кршење на нејзините основни човекови права. Оттаму, сите треба да дејствуваме заедно за да се искорени оваа деструктивна појава во нашето општество“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Законски измени за спречувањето и заштитата од насилство врз жените и семејно насилство
Јавна расправа за Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство
Форум за реформите на правниот систем за заштита од семејно насилство
Презентиран Извештајот на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените
Истанбулската конвенција пропишува низа стандарди кои треба да ги имплементира земјата потписничка
16 дена активизам против родово базирано насилство
АНАЛИЗА НА СЛУЧАИ НА ФЕМИЦИДИ: Потребно е фемицидот да се дефинира како посебно кривично дело
Оперативниот план за спроведување на Истанбулската конвенцијата на Министерството за правда
Законот за ратификација на Истанбулската конвенција пред пратениците
М.В