/ Прочитано:

6.999

Правно мислење на Врховниот суд за трошоците за објавување пресуда

Правното мислење, кое е донесено и  објавено од страна на Врховниот суд, го пренесуваме изворно и во целост:

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија согласно член 91 став 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 …96/19), и член 46 став 2 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по прашањето дали трошоците направени за рочиштетото за објавување на пресудата се потребни трошоци согласно Законот за парничната постапка, за воедначување на судската практика во постапувањето на Апелационите судови во Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 07.10.2019 година, го усвои следното:

П Р А В Н О  М И С Л Е Њ Е

Трошоците направени за рочиштетото за објавување на пресудата се потребни трошоци во смисла на Законот за парничната постапка.

О б р а з л о ж е н и е

Во врска со поставеното правно прашање одговорот произлегува од самите одредби од Законот за парничната постапка кои се однесуваат на донесување и објавување на пресудата, односно од член 324 и член 325 од Законот за парничната постапка.

Имено, во член 324 став 1, став 3 и став 4 од Законот за парничната постапка се вели: (1) „Судот пресудата ја донесува и објавува во име на граѓаните на Република Македонија“, (3) „Пресудата се донесува веднаш по заклучувањето на главната расправа на записник и ја објавува судијата поединец, односно претседателот на советот“ и (4) „Во посложените предмети судот може да го одложи донесувањето на пресудата за осум дена од денот на заклучувањето на главната расправа. Во тој рок судот е должен да одржи рочиште на кое ќе ја објави пресудата. Рочиштето заобјавување на пресудата судот е должен да го закаже на рочиштето на кое главната расправа е заклучена и тоа ќе се одржи независно дали странките за тоа биле известени, односно дали пристапиле на тоа рочиште“.

Во член 325 став 1 и став 4 од истиот закон стои: (1) „Кога пресудата се објавува, претседателот на советот, односно судијата поединец јавно ќе ја прочита изреката и накратко може да ги соопшти причините за пресудата“ и (4) “Сите присутни ќе го сослушаат читањето на изреката на пресудата стоејќи“.

Не е спорен случајот кога веднаш по заклучување на главната расправа првостепениот суд ја донесува и објавува пресудата, бидејќи тогаш се бараат трошоци за самата главна расправа по чие заклучување е донесена и објавена првостепената пресуда, а кои трошоци се потребни трошоци во смисла на член 149 од Законот за парничната постапка и се досудуваат.

Спорно е кога судот во посложените предмети може да го одложи донесувањето на пресудата за 8 (осум) дена од денот на заклучувањето на главната расправа, во кој рок судот е должен да одржи рочиште на кое ќе ја објави пресудата. Ова рочиште за

објавување на пресудата како што е наведено во член 324 став 4 од Законот за парничната постапка, судот е должен да го закаже на рочиштето на кое главната  расправа е заклучена и тоа ќе се одржи независно дали странките за тоа биле известени, односно дали пристапиле на тоа рочиште.

Во смисла на цитираната законска обврска на судот да закаже рочиште за објавување на пресудата и истото да го одржи, произлегува и правото на странката, односно на нејзиниот полномошник, доколку дојде на тоа рочиште да бара и трошоци за присуство на истото. Ваквото барање странката, односно нејзиниот полномошник може да го истакне усно на самото рочиште или писмено во трошковник во рок определен од судот согласно член 158 став 1 и став 2 од Законот за парничната постапка.

По така истакнатото барање потоа судот во смисла на член 149 од Законот за парничната постапка треба да одлучи, односно истото да го досуди. Согласно член 2 став 1 од Законот за адвокатурата (Сл. весник на РМ бр. 59/02,60/06,29/07,106/08,135/11,113/12,148/15), адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон.

Според членот 3 од истиот закон, правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на договори за основање, партнерство, соработка и слични акти во врска со основањето или работењето на деловните субјекти, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица.

Адвокатот, согласно член 19 од законот, има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите. Во член 8 став 1 точка 6 од Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите ( Сл. весник на РМ 13/17-пречистен текст, бр. 189/19), е предвидено дека за застапување и одбрана пред судовите, јавното обвинителство, нотари, извршители, центри за социјална работа, работодавецот, полициските, инспекциските и други органи, како и превземање на дејствија од точка 2 на овој став кои се одвиваат во повеќе денови, без оглед дали се одржани, продолжени или одложени, како и за рочиштето за објавување на Одлука, секој започнат ден се смета за ново застапување, односно нова одбрана.

Членот 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи подразбира дека „пресудата треба да биде јавно објавена“. Европскиот суд за човекови права има заземено стојалиште дека јавниот карактер на постапките пред судските органи ги штити странките во граѓанските постапки од тајното спроведување на правдата без јавен надзор или контрола (Фазлијски против Бугарија (Fazliyski v.Bulgaria), br.40908/05, § 69, 16 април 2013 година). Јавноста на постапките, вклучувајќи го и јавното објавување на пресудите претставува и средство за одржување на довербата во судовите (Прето и други против Италија (Pretto and Others v.Italy), 8 декември 1983, § 21, Series A no.71).

Европскиот суд за човекови права обезбедува минимум гаранции во поглед на јавното објавување на пресудите. Тој го оценува придржувањето кон процедуралното барање од членот 6 став 1 од Конвенцијата дека „пресудата треба да биде јавно објавена“ во зависност од околностите на секој конкретен предмет при што покрај  преку јавното објавување на пресудата ќе се смета дека елементот на јавност е запазен и тогаш кога биле обезбедени други средства кои овозможиле да биде постигната задоволителна јавност на постапувањето (Мозер против Австрија (Moser v.Ausria), бр. 12643/02, §101, 21 септември 2006 година).

Треба да се има во предвид дека во неговата пракса на примена на Европската конвенција за човекови права, Европскиот суд за човекови права обезбедува само минимални гаранции во поглед на јавноста и јавното објавување на пресудите во граѓанските постапки. Наспроти тоа, националното законодавство низ релевантните одредби (член 324 и 325) на Законот за парнична постапка кои го уредуваат донесувањето и објавувањето на пресудите предвидува законска обврска за јавно објавување на пресудите со што ги надминува стандардите и гаранциите за заштита на правото на фер судење од членот 6 став 1 од Конвенцијата.

Оттука, поаѓајќи од цитираните законски одредби и нивно доведување во врска со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и целта на законодавецот за обезбедување на јавност во постапките, одделот смета дека трошоците за рочиштето за објавување на пресудата се нужни трошоци. Со вака усвоеното правно мислење, Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, очекува да се воедначи судската пракса со што ќе се зацврсти правната сигурност на граѓаните.

ВРХОВЕН СУД НА

РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА

Правно мислење на Врховниот суд за укинување на потврда за правосилност и извршност на извршна исправа

Правно мислење на Врховниот суд за амнестијата на правосилно осудени лица за кои претходно била издадена потерница

ВРХОВНИОТ СУД: Не треба да плаќаат надомест станарите кои никогаш не биле приклучени на систем на топлинска енергија, не склучиле договор и не поставиле инсталација

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ НА ВРХОВНИОТ СУД: Застареност на побарувањето на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во стечајна постапка

Правно мислење на Врховниот суд за возачот почетник во случаите кога го управува возилото спротивно на пропишаните услови

КАСНУВАЊЕ ОД КУЧЕ СКИТНИК: Врховниот суд со правно мислење за надоместокот на штета

ВРХОВНИОТ СУД: Правно мислење за надоместокот за експроприрана недвижност

ПРАВНО МИСЛЕЊЕ НА ВРХОВНИОТ СУД: Изјава на обвинет за откажување на некое од правата од член 206 став 1 од ЗКП

Правно мислење на Врховниот Суд: Јавниот обвинител има обврска да даде мислење по барањата за укинување или замена на мерката притвор

Сентенци на Врховниот суд за вознемирување насочено кон физичко лице и право на совладение врз неподелена ствар

Сентенци на Врховниот суд по правен основ имотни односи и парнична постапка

Сентенци на Врховниот суд по правен основ парнична постапка

Сентенца на Врховниот суд во врска со писмена изјава на работникот за продолжување на договорот за вработување

Сентенца на Врховниот суд за судир на надлежност на основни судови

Сентенци на Врховниот суд во врска со парничната постапка, облигационите и работните односи

Сентенци на Вишиот управен суд за права од работен однос, даночни права, имотноправна област и други права

Сентенци на Вишиот управен суд за прашања од имотно-правната област, правата од пензиско и инвалидско осигурување и даночните права

Сентенци на Вишиот управен суд за имотни права, за права од пензиско и инвалидско осигурување и за даночни права

„Продолжување на важност на договор за вработување на определено време“ – сентенца на Врховниот суд

СЕНТЕНЦИ НА ВРХОВНИОТ СУД: „Дозволеност на ревизија“ и „Неовластено соопштување на деловна тајна“

СЕНТЕНЦИ НА ВРХОВНИОТ СУД: „Пасивна легитимација на РМ“ и „Сопственик на возило“

СЕНТЕНЦИ НА ВИШИОТ УПРАВЕН СУД

ЗАКЛУЧОК НА ВРХОВНИОТ СУД: Надлежност за донесување на одлуката за враќање на одземените предмети

Сентенци од специјализираните судски оддели на Вишиот управен суд

СЕНТЕНЦИ НА ВРХОВНИОТ СУД: Казнено право, кривична постапка и повреда на ЗКП

М.В