/ Прочитано:

4.952

Законските новини во Кривичниот законик поднесени во собраниска процедура

Измените на Кривичниот законик, чиј предлагач е Владата, се во собраниска процедура со европско знаменце. Главна цел на донесувањето на овој закон е во него да се вградат релевантните меѓународни документи и да се отстранат лоцираните слабости кои произлегоа од практичарите во текот на неговата примена.

Законското образложение на законските измени

Со Предлог – законот се врши изменување и дополнување на одредбите на Кривичниот законик во четири област, и тоа: имплементација на Истанбулската конвенција, интервенција во кривичните дела кои се поврзани со безбедноста на новинарите, менување на одредени одредби од Кривичниот законик (во сферата на конфискацијата и тортурата) како резултат на пресуди донесени од Европскиот суд за човекови права со кои се утврдува повреда на одредби од Конвенцијата, како и усогласување на Кривичниот законик со Директивата (ЕУ) 2017/1371 за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право.

Предлогот на законот содржи 34 члена.

Со членовите 1, 5, 26, 27, 28, 29, 30 и 31 од Кривичниот законик се усогласува со Директивата (ЕУ) 2017/1371 за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право. Така, во членот 1 во делот на споредните казни кои се однесуваат на забрана за користење субвенции и други поволни кредити, оваа забрана се проширува и за други облици на јавна помош. Во членот 5 со кој се интервенира во членот 122, во ставовите 5 и 6, во дефинициите за „странско лице“ и за „правно лице“, се додава и Европската унија. Со членот 26 се менува членот 249-а во согласност со наведената директива. Имено согласно овој член, пропишана е казна со затвор од една до десет години за оној кој што со употреба или прикажување на лажни, неточни и непотполни изјави или исправи или пропуштање на давање податоци противправно присвои, задржи или предизвика штета на фондовите, имотот или средствата на Европската унија, фондовите, имотот или средствата со кои управува Европската унија или се управува во нивно име. Исто така, во овој член е предвидена и казна за тој што фондовите, имотот и средствата ги искористил спротивно на одобрената намена, како и за тој што со употреба или прикажување на лажни, неточни и непотполни изјави или исправи или пропуштање на давање податоци, противправно ќе ги намали фондовите, имотот и средствата на Европската унија, фондовите, имотот и средствата со кои управува Европската унија или се управува во нивно име. Во овој член е пропишана и парична казна за правното лице. Во членот 27 со кој се менува членот 275-а се пропишува долна граница на казната затвор за основниот облик на ова дело, согласно Директивата. Со членот 28 во кривичното дело „Царинска измама“ е зголемена казната согласно Директивата, а се додаваат и нови начини на извршување на делото и со давање лажни, неточни или нецелосни изјави, документи или податоци. Со членот 29 се интервенира во кривичното дело „Даночно затајување“ кое се усогласува со Директивата во однос на давањето лажни, неточни или нецелосни изјави, документи или податоци за приходите, а воедно се менува и рамката на пропишаната казна во однос на квалифицираниот облик на ова дело. Со членот 30 од Предлогот на законот се зајакнува казнената политика во пропишувањето на казните, согласно Директивата и се додаваат нови начини на извршување на делото со лажни, неточни или нецелосни податоци во кривичното дело „Фалсификување или уништување деловни книги“.  Со членот 31 од Предлогот на законот се зајакнува казнената политика во пропишувањето на казните, согласно Директивата во кривичното дело „Давање поткуп“.

Во однос на конфискацијата и одземањето предмети, во овие измени и дополнувања се интервенира во членот 100-а, како резултат од пресудите на Судот во Стразбур против нашата држава, и тоа во најголем дел во однос на задолжителното одземање предмети, но и заради пропорционалноста при одземањето. Новина во овој член е тоа дека при донесувањето на одлука за одземање на предметите од ставот (3) на овој член судот посебно ќе води сметка за принципот на пропорционалност имајќи ги предвид видот и тежината на кривичното дело, изречената казна, личните прилики на сторителот или третото лице и други околности поврзани со начинот на извршување на делото и неговите последици. Исто така, со овие измени и дополнувања се предлага лимитирање на законсккото одземање предмети , при што се пропишува дека со закон може да се пропише задолжително одземање на предмети, само ако тоа го бараат интересите на безбедноста, здравјето на луѓето или причините на моралот. Во тој контекст е и бришењето на пропишаното задолжително одземање предмети од членовите 157-а, 157-б и 157-в (16, 17 и 18 од Предлогот на законот). Во контекст на наведеното, се осврнуваме на праксата на ЕСЧП. Така, во предметот Анев и Најдовски против Р. С. Македонија, Судот во Стразбур забележува дека изречените мерки за одземање биле задолжителни според домашното законодавство. Ова задолжително (по автоматизам) одземање според Судот во Стразбур ги лишило апликантите од можноста да приговараат и да имаат какви било изгледи за успех во постапките кои резултирале со одземање, независно од нивното однесување или степен на одговорност. Понатаму, Судот наведува дека „ништо не сугерира на тоа дека постои причина за стравување дека камионите повторно би биле искористени за извршување на слични прекршоци (види Vasilevski, цитиран погоре, § 58). Судот, исто така, забележува дека мерките за одземање на камионите не биле изречени со цел обезбедување на материјално обештетување за настаната штета (види Jakimovski and Kari Prevoz v. North Macedonia, бр. 51599/11, § 50, 14 ноември 2019), туку повеќе билe со цел одвраќање и спречување на вршење на незаконити дејствија како што тврдеше Владата (види параграф 18 погоре).“ Во овој предмет Судот во Стразбур утврдил повреда на Конвенцијата.

Во однос на одредбите за тортура  и малтретирање во вршењето на службата, беше направена опсешна анализа на примената на овие одредби, беа анализирани меународните стандарди, како и повеќе компаративни искуства. Така, беше интервенирано во кривичното дело „Тортура“, при што ова дело е целосно усогласно со меѓународните стандарди. Во контекст на ова дело, беше анализирана и практиката на Судот во Стразбур, при што во предметот ЛР против Р. С. Македонија, во однос на намерата, Судот во Стразбур го зазел следниот став во својата одлука: „Што се однесува до тврдењата на домашните власти дека не постоела намера од страна на персоналот да го повредат апликантот, Судот забележува дека отсуството на намера некој да биде омаловажен или деградиран, не може одлучувачки да исклучи утврдување на повреда на оваа одредба (види Nicolae Virgiliu Tănase v. Romania [GC], no. 41720/13, § 117, 25 June 2019 and Bouyid цитирано погоре, § 86). Судот понатаму забележува дека, како што утврдило обвинителството, што е потоа потврдено и од Владата, апликантот бил врзуван за неговиот кревет поради „безбедносни причини“, имено за да се спречи да избега и со тоа да се најде во опасна ситуација. Иако ризикот од лицето да избега или да си предизвика повреда или штета е фактор што треба да се земе предвид (види Julin v. Estonia, nos. 16563/08 and 3 others, § 120, 29 May 2012), Судот не е убеден дека врзувањето на апликантот со ногата за неговиот кревет со цел да се спречи негово бегање од просториите на ЗЗРББС, со што би се ставил себеси во опасност, била најмалку инвазивната мерка на располагање во контекст на неговата безбедност. Нема индиции дека било какви други опции (освен отстранување на рачките од прозорците во собата на апликантот, види параграф 18 погоре) биле разгледани или применети пред или за време на применување на таа „мерка“. Судот не може да не забележи дека таа „мерка“ не била неопходна поради било каква причина поврзана со здравствената состојба на апликантот, но, како што било утврдено од страна на обвинителството (види ги параграфите 25 и 72 погоре), нејзината примена била последица на тоа што неговото сместување во ЗЗРББС било несоодветно.“ И во овој предмет Судот во Стразбур утврдил повреда на Конвенцијата.

Во однос на кривичното дело „малтретирање во вршењето на службата се предлага негово изменување. Имено, се предлага пропишување казна затвор од три до осум години за службено лице што во вршењето на службата или кое било друго лице што постапува во службено својство, како и лице што поттикнато од службено лице или со негова изречна или премолчена согласност, свесно неовластено употребува сила, се заканува, или врши физичко или психичко насилство за да му нанесе на друго лице физичка или душевна болка или страдање што претставува сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.Во овој дел од измените се предлага и незастарување на кривичното гонење и на извршувањето на казната за овие две кривични дела (член 3 и 4 од Предлогот).

Заштитата на новинарите во вршењето на нивните работни задачи претставува еден основните приоритети. Во таа насока се и предложените измени во соодветните одредби. Така, со член 6 ставот 8 се предвидува квалифициран облик на кривичното дело „Убиство“ за убиство на новинар или друг медиумски работник. Истото е сторено и кај кривичното дело „Присилба“ (член 11 став  од Предлогот), за кривичното дело „загрозување на сигурноста“ (член 15 став 4 од Предлогот), како и за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ (од член 31 од Предлогот).

Најголемиот дел од измените и дополнувањата на Кривичниот законик се во одннос на одредбите со кои се имплементира Истанбулската конвенција. Така, во членот 122 семејното насилство се дефинира како малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не. Исто така, постојната дефиниција на „жртва на кривично дело“ се доополнува со жртва на родово базирано насилство под што се подразбира секоја жена и девојчиња до 18 години спрема кои под тие околности е сторено кривичното дело. За прв пат се дефинира и родово базираното насилство врз жените кое означува насилство насочено против жената поради нејзина припадност на женскиот род што доведува или може да доведе до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.

Во членовите 6, 7, 9, и 24 се пропишани квалифицирани облици на соодветните кривични дела со построги казни доколку тие се извршени или се последица од родово базирано насилство.

Со членот 8 се вградува ново кривично дело „Осакатување на женски полови органи“. Така, пропишана е казна затвор од шест месеци до пет години за основниот облик на од ставот (1) на овој член. Во овој член е пропишана и парична казна или со затвор од шест месеци до  три години за оној што женско лице ќе поттикне или ќе му помогне да се подложи на дејствијата од ставот (1). Доколку делото е сторено од омраза, или спрема дете, или е предизикана тешка телесна повреда на женското лице, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години, ако пак поради делото член настапила  смрт на женското лице сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.

Со членот 16 од Предлогот се пропишува ново кривично дело „Демнење“, сгласно одредбите од Истанбулската конвенција.

За основниот облик на ова дело е пропишана парична казна или затвор до три години за оној што повторено  неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице. Доколку пак делото е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете, пропишана е  казна затвор од шест месеци до пет години.

Едни од најзначајните новини во однос на имплементацијата на одредбите на Истанбулската конвенција се членовите 20, 21, 22, 23 и 24 од Предлогот. Со членот 20 се пропишува единствено кривично дело Полов напад и слилување согласно одредбите од Истанбулската конвенција.  Заради усогласување со меѓународните стандарди е и интервенцијата во кривичните дела „Полов однос со немоќно ливе„ и Полов напад врз дете кое не наполнило 15 години“. Во контекст на усогласување со Истанбулската конвенција е и предложеното ново кривично дело „Полово вознемирување“ при што, е пропишана парична казна или со затвор до една година за оној што со вербално или физичко дејствие кое има директно или индиректно, реално или симболично значење на наведување, непристојна понуда, намамување, изразување полова страст или друго дејствие кое јасно потсетува на полов однос или други со него изедначени полови дејствија, ќе вознемири лице кое му е подредено или спрема него се наоѓа во однос на зависност, друго лице на работа или на јавно место или лице што е ранливо поради возраст, болест, попреченост, зависност од дроги, бременост или тешки телесни или душевни пречки, и со тоа ќе го повреди неговото достинство, предизвикувајќи чувство на непријатност, навреденост, понижување или страв.

Со членот 25 од предлогот со кој се додава нов став (6) во членот 215, се врши техничко подобрување на текстот во насока на појаснување на одредбата. Имено, одредбите од Кривичниот законик, а кои се однесуваат на членот 215 „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори„  не предвидува кривично дело во однос на личната употреба на дрога, но праксата на судовите во земјата покажува спротивни ставови содржани во пресудите. Имено, претставниците од невладиниот сектор кој се занимават со ова прашање во своето работење, до Министерството за правда на состаноците на работната група задолжена за подготовка на нов Кривичен законик истакнаа дека од направените анализи на бројни пресуди видно е постоење на пракса на кривично гонење и осудување на лица кај кои е пронајдена недозволена супстанца која овие лица, кои истата ја поседувале за лична употреба.

Со члентот 33 се уредува обврска за надлежните органи во рок од 6 месеци од денот на влегување во сила на овој закон да ги усогласат постојните материјални закони со членот 2 (член 100 – а, став (8)) од овој предлог.

Членот 34 од предлогот ја уредува материјата за влегување во сила на овој закон.

Утврдени измените на ЗПП, на Кривичниот законик и на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители

„Македонското законодавство не ги препознава ниту ги инкриминира сите форми на насилство против жените“ – Ана Аврамоска-Нушкова

Со измените на Кривичниот законик нападот на врз новинар ќе се казнува како  напад врз службено лице

Маричиќ: Во подготовка е нов Кривичен законик и нов Закон за потекло на имот

Со новото кривично дело „Демнење“ се предвидуваат строги санкции за вознемирување и преку интернет

Усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција: Секој сексуален однос без согласност претставува силување

Казна затвор до три години за кривичното дело „Демнење“ како нова законска измена

Ќе се формира Национално координативно тело за Конвенцијата за борба против насилството врз жените и семејното насилство

Работилница за потребата од усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција

Истанбулската конвенција пропишува низа стандарди кои треба да ги имплементира земјата потписничка

16 дена активизам против родово базирано насилство

Граѓанските организации пред Комитетот на ОН: Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани

АНАЛИЗА НА СЛУЧАИ НА ФЕМИЦИДИ: Потребно е фемицидот да се дефинира како посебно кривично дело

„Родово базираното и психичкото насилство врз жените сè уште не се препознаваат“ – интервју со адвокатката Марта Гусар

Оперативниот план за спроведување на Истанбулската конвенцијата на Министерството за правда

Законот за ратификација на Истанбулската конвенција пред пратениците

Усвоен Предлог-законот за ратификација на Истанбулската конвенција во која насилството врз жените се дефинира како кршење на човековите права

Владата ја усвои информацијата за ратификација на најзначајниот меѓународен документ за борбата со насилството врз жените и домашното насилство

Ратификацијата на Истанбулската конвенција – значаен исчекор во борбата против насилството врз жената и домашното насилство

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна ратификација на Истанбулската конвенција

М.В