/ Прочитано:

1.753

„Сите знаења на правниците треба да бидат употребени за подобрување на правната држава“ – Андреј Божиновски, правен советник

За љубовта кон правото разговараме со Андреј Божиновски, правен советник.

Како се јави кај вас љубовта кон правото?

Љубовта спрема правото кај мене се јави во средна школа, кога се избираа насоки за понатамошни чекори во кариерата. Веќе знаев дека правото е дејност во која сакам да се развивам и да ја изучувам.

Тоа е смешно, од друга страна, бидејќи правничките серии не ги обожавав толку многу, ниту пак сега. Одлучив да се запишам на „Јустинијан Први“ поради реномето што го имаше и што го има во државата, како еден од најдобрите и најкадарните факултети.

Таму, покрај формалните предавања, станав активен член во Сојузот на студенти, подоцна Студентски парламент и бев активен во невладиниот сектор „ЕЛСА“, Македонски политиколошки форум и слични организации. Секогаш имав интерес за јавна служба и тоа беше моја мотивација на додипломски, а подоцна и на магистерски студии.

Дали е важна љубовта кон правото за да се биде добар правник и зошто?

Сметам дека сите знаења и тренингот на правниците треба да бидат употребени кон подобрување на правната држава и воедно ситуацијата на граѓаните во пристап до правда, информирање за нивните права, иницирање законски измени и сл. Како млад магистранд по казнено право, првите чекори или практични искуства ми беа во Здружението за казнено право и криминологија на Македонија.

Таму со реномирани професори од Правниот факултет и од Факултетот за безбедносни науки се работеше на реформа за системот за кривична правда. Меѓутоа најголем удел во однос на моето правно сознавање и работа имаше професорот Гордан Калајџиев, кој ме научи како да истражувам, како да резонирам, како да дебатирам.

Преку него ја научив важноста на реформата на кривината постапка и заштитата на правата на лицата во неа. За време на овој период предавав Европски налог за апсење, екстрадиција и меѓународна помош во казнена материја на Правниот факултет во Скопје, што ми беше како двојна сатисфакција – го работев она што го сакав. Во овој период бев коавтор на две клучни книги „Ефективна одбрана во кривичните постапки во Република Македонија“ со Фондацијата „Отворено општество“ Македонија и „Анализа на казнената политика на судовите во Република Македонија“ со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Со овие публикации сметам дека авторскиот тим и јас дадовме голем придонес во литературата за реформираната кривична постапка во Македонија и улогата на бранителот во неа, тема што не беше доволно истражувана. Практикантството во Кривичниот суд во Скопје за подготовка на правосудниот испит беше можност да забележам дека теоријата не е секогаш компатибилна со практиката и дека добар правник треба постојано да се усовршува и да ги владее двете тези.

Од казнената правда правото ме однесе во Здружението на судиите. Тогаш беше избран за претседател судијата Џемали Саити, кој имаше (сега доследно имплементирана) доста амбициозна програма за унапредување на статусот на судиите во Македонија. Судијата Саити беше човекот од кого ја усвоив борбата и страста за независното судството.

Преку него научив како се прави политичко литигирање за надминување на предизвиците во судството. Но тука не бев сам – соработката со м-р Петра Кабранова-Николовска и м-р Бојан Стојиќ беше столбот на ентузијазмот. Три години неуморно работевме на проекти за зајакнување на судската независност, за имплементација на Стратегијата за реформа во правосудството, за донесување на нов Кодекс за етика на судиите, што на крајот резултираше со создавањето на Судско-медиумскиот совет. Важноста на имплементираните програми и соработката со меѓународната заедница, со судиите и со новинарите беа вистинското место да го ставам мојот правен тренинг во служба на јавното добро. Тренингот што го добив во САД на програмата за млади лидери на Стејт департментот ми овозможи зајакнување на вештините за активизам и за заштита на човековите права.

Во таа насока, кои се вашите совети за идните генерации правници?

Единствен совет кој би можел да им го дадам на младите колеги е неуморно да читаат и да се усовршуваат. Излезете надвор од комфорот на предавањата, кои во принцип се здодевни. Инволвирајте се во невладиниот сектор за да имате пулс на општеството и потребите на граѓаните. Неуморно читајте, истражувајте, пишувајте и изберете лидери во правото од кои може да научите многу. Секогаш изразувајте го вашиот став и работете кон општото добро. Живееме во држава каде што правната несигурност е константа, не варијабла. Без разлика на приликите, Кант кажал: „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене.“ Наша должност како правници е да им помогнеме на граѓаните кои не се во можност да добијат правен совет или правна помош. Меѓутоа секогаш правете вмрежување со колеги. Колегите се непроценливо богатство од кои може да научите многу.

Февруари во Академик