„Од дете се бунтувам за правда“ – Маја Ристова, адвокат
За љубовта кон правото разговараме со Маја Ристова, адвокат.
Како се јави кај вас љубовта кон правото?
Уште од најрана возраст реагирав на неправда, се бунтував за правда. Никако не можев да прифатам неправедни состојби, па сакав да ги променам. Некогаш тоа го правев за себе, а некогаш за друг/и. И низ детска игра, кога ќе настанеше кавга помеѓу некои деца, си дозволував да се вмешам и да кажам како сметам дека е праведно и кој е во право, а кој не е. Во средношколските денови, пак, знаев често да се спротивставам на неправда, дури и кога беше сторена од авторитети. Мојата љубов кон правото, која е искрена и длабока, се разви постепено. Ја чувам и ја негувам до денес. Го сакам правото и неговата хумана димензија, ги сакам истражувачките аспекти на правото, како и креативноста што ја содржи правната професија.
Дали е важна љубовта кон правото за да се биде добар правник и зошто?
Важна е, но не е доволна. За да бидеш добар правник, покрај тоа што треба да го љубиш правото, потребно е и да работиш морално, посветено, темелно, одговорно. Во спротивно епитетот „добар” го губи значењето.
Во таа насока, кои се вашите совети за идните генерации правници?
Денес, во време кога има суфицит на правници и магистри по право, за успех потребно е да имате развиено дополнителни вештини кои ќе ве прават различни и подобри од останатите. Затоа, ги советувам идните генерации на правници да работат многу на себе. Да инвестираат во себе. Да стекнуваат нови вештини, за да може да бидат тешко заменливи. Да ја следат и да ја читаат актуелната законска регулатива, да ја применуваат и меѓународната. Да „купуваат” секојдневно знаење и искуство од поискусните. Да не стравуваат од ново и непознато искуство. Да не стравуваат дека ќе погрешат. Да излегуваат од комфор- зоните во кои ќе се најдат. Да бидат гласни и правдољубиви.
Силјановска: Мојата љубов кон правото беше сократовска
Уранија Пировска: „Љубовта кон правото е љубов кон правдата“
„Ако правото е љубов, адвокатурата е страст“ – Петро Јанура, адвокат
„Неуморно верувам во правото и правдата“ – Росица Ефтимовска, менаџер за правни обуки во Академик
Интервју за љубовта кон правото со тимот адвокати од „Георги Димитров адвокати“